3 ЕРА НА ДУХОВНА ТЕМНИНА

Апостол Павле, во своето второ послание до Солунјаните, го прорекол големото отпадништво кое ќе резултира со воспоставување на папската власт. Тој изјавил дека Христовиот ден нема да дојде „додека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие Човекот на гревот, Синот на погибелта, кој се противи и се издига над сѐ, што се нарекува Бог или светост, за да седне како бог во Божјиот храм, претставувајќи се себе самиот како Бог”. Понатаму апостолот ги предупредува своите браќа дека „тајната на беззаконието веќе дејствува” (2. Солунјаните 2:3.4,7). Уште на самиот почеток, тој видел дека во црквата се вовлекуваат заблуди што ќе го подготват патот за развој на папството. {ГБ 49.1}

Тајната на беззаконието се развивала малку по малку, на почеток кришум и сосема тивко, а кога се засилила и загосподарила со човечките умови, сѐ поотворено го покажувала своето лажно и богохулно дело. Речиси незабележливо незнабожечките обичаи се вовлекле во христијанската црква. Духот на компромисот и приспособувањето кон светот за извесно време бил задржуван со жестоките прогонства што ги поднесувала црквата за време на незнабожечкиот Рим. Но, кога прогонството престанало и христијанството влегло во царските дворови и палати, тоа, понизноста и едноставноста на Христа и Неговите апостоли ги заменило со сјајот и гордоста на незнабожечките свештеници и владетели, и наместо Божјите барања, христијанството ги вовело човечките теории и преданија. Привидното обратување на Константин Велики, во првата половина на четвртиот век, предизвикало голема радост; и така светот облечен во облеки на формалната правда, тргнал во црква. Сега делото на изопачување брзо напредувало. Незнабоштвото, навидум победено, станало победник. Неговиот дух завладеал во црквата. Неговите учења, обичаи и празноверија се вовлекле во верата и во богослужението на таканаречените Христови следбеници. {ГБ 49.2}

Овој компромис меѓу паганството и христијанството, резултирал во развојот на „човекот на гревот”, кој во пророштвото е претскажан како оној што ќе се противи и воздигнува над Бога. Овој огромен систем на лажна религија е ремек-дело на сатанската сила - споменик на неговите напори да седне на престолот и да управува со земјата според својата волја. {ГБ 50.1}

Сатаната еднаш се обидел да направи компромис со Христа. Му пристапил на Божјиот Син во пустината на искушението, и покажувајќи Му ги сите царства од овој свет и сета нивна слава, Му понудил сето тоа да Му го даде во раце, само ако Христос ја признае врховната власт на кнезот на темнината. Христос го укорил дрскиот искушувач и го присилил да се оддалечи. Но, сатаната има поголем успех кога со истите искушенија му пристапува на човекот. За да си обезбеди световни придобивки и почести, црквата почнала да бара наклоност и поддршка од големите луѓе на земјата и отфрлајќи го на тој начин Христа, била наведена својата верност да му ја вети на претставникот на сатаната - Римскиот бискуп. {ГБ 50.2}

Една од водечките доктрини на римокатолицизмот е тврдењето дека папата е видлива глава на сеопштата Христова црква, со најголема власт над епископите и свештениците во сите делови на светот. Дури и повеќе од тоа, на папата му се доделувани многу титули на Божество. Наречен е: „Господ Бог, Папа” (Види Додаток), и е прогласен за непогрешлив. Тој бара сите луѓе да го почитуваат. Истото барање што во пустината на искушението му го поставил на Христа сатаната и понатаму го поставува преку Римската црква и многумина се подготвени да му оддадат почит. {ГБ 50.3}

Но, оние што се бојат од Бога и Го почитуваат, ќе ја отфрлат оваа богохулна дрскост со истите зборови со кои и Христос ги одбил обидите на лукавиот непријател: „На Господ, твојот Бог, поклонувај Му се и единствено Нему служи Му” (Лука 4:8). Бог никогаш во Своето слово не дал некое навестување дека кој и да е човек ќе го постави за глава на црквата. Доктрината за папската превласт директно се спротивставува на учењето на Библијата. Папата не може да има никаква власт над Христовата црква, освен со узурпација. {ГБ 51.1 }

Римската црква упорно ги обвинува протестантите за ерес и самоволно одвојување од вистинската црква. Но овие обвинувања пред сѐ можат да се применат на самата Римска црква. Тие се оние кои го спуштиле Христовото знаме и отстапиле од верата, „која им е дадена на светиите еднаш засекогаш” (Јуда 3). {ГБ 51.2}

Сатаната добро знаел дека Библијата ќе им овозможи на луѓето да ги препознаат неговите измами и да се спротивстават на неговата сила. Со Божјото слово и самиот Спасител на светот се спротивставил на неговите напади. Секој негов напад Христос го дочекувал со штитот на вечната вистина, велејќи секој пат: „Напишано е” (Матеј 4:4). На секое наговарање на непријателот му ја спротивставувал мудроста и силата на Божјото слово. За да ја одржи својата власт над луѓето и да го зацврсти авторитетот на папскиот узурпатор, сатаната морал да ги држи во целосно непознавање на Библијата. Библијата - кога би била достапна на луѓето - во нивните очи ќе го воздигне Бога, а на смртниот човек ќе му ја одреди неговата вистинска положба, затоа нејзините свети вистини морале да останат сокриени и забранети. Таквата логика ја прифатила и упорно применувала Римската црква. Стотици години ширењето на Библијата било забрането. На луѓето им било забрането да ја читаат или да ја имаат во своите домови, додека несовесните свештеници и бискупи ги толкувале нејзините учења за да ги оправдаат своите тврдења. На таков начин папата станал општо признат Божји намесник на земјата, кој има власт над црквата и државата. {ГБ 51.3}

Бидејќи Библијата како единствен детектор за откривање на овие заблуди била отстранета, сатаната можел слободно да работи според својата волја. Пророштвото објавило дека папството „ќе помислува да ги измени времињата и Законот” (Даниел 7:25). Тоа не се колебало да го почне ова дело. За да им се даде на обратените од незнабоштвото некаков вид на замена за идолите што порано ги обожавале и така да им се олесни нивното таканаречено прифаќање на христијанството, во христијанското богослужение постепено се воведувал култот на слики и реликвии - мошти на светци. Најпосле еден општ црковен собор (Види Додаток), со својот декрет конечно го воспоставил овој систем на идолопоклонство. За да го доврши богохулното дело, Рим се осмелил да ја исфрли втората заповед од Божјиот закон, која забранува обожавање на слики, а за да остане бројот на заповедите неизменет, десеттата ја поделил на две. {ГБ 51.4}

Духот на компромис со незнабоштвото го отворил патот за уште поголемо непочитување на небесниот авторитет. Работејќи преку непосветените водачи на црквата, сатаната се обидел да ја промени и четвртата заповед потиснувајќи ја прастарата сабота, денот кој самиот Бог го благословил и посветил (Создавање 2:2,3), и воздигнувајќи го наместо неа, празникот што незнабошците го празнувале како „чесен ден на сонцето”. Оваа промена во почетокот не се обидувале да ја направат отворено. Во првите векови сите христијани ја празнувале вистинската сабота. Ревнувале за Божјата чест зашто верувале дека Неговиот закон е непроменлив, најусрдно ја чувале чистотата и светоста на Неговите прописи. Но сатаната, за да ја постигне својата цел, многу лукаво и вешто работел преку своите агенти. За да се сврти вниманието на народот кон неделата, таа е прогласена за празник во чест на Христовото воскресение. Во недела обично се одржувани важни богослуженија, но сепак таа се сметала само како ден за разонода додека саботата и понатаму се празнувала како свет ден. {ГБ 52.1}

За да го подготви патот за делото што планирал да го изврши, сатаната плански ги навел Евреите, уште пред Христовото доаѓање, да ја оптоварат саботата со многу строги прописи, така што нејзиното празнување навистина станало вистински товар. А сега, користејќи се со лажната светлина со која саботата некогаш била прикажувана, направил на неа да се гледа со презир како на еврејска уредба. Додека христијаните главно продолжиле да ја празнуваат неделата како празник на радоста, тој ги навел од саботата, со цел да покажат омраза кон сѐ што е еврејско, да направат ден на пост, тага и жалост. {ГБ 52.2}

Царот Константин во почетокот на четвртиот век издал еден декрет со кој неделата ја прогласил за јавен празник во целото Римско царство (Види Додаток). Денот на сонцето го почитувале неговите незнабожечки поданици, но го празнувале и христијаните, а политиката на царот била на тој начин да ги обедини спротивните интереси на незнабоштвото и христијанството. На тоа го наговориле епископите на црквата кои, проникнати со честољубие и желба за власт, увиделе дека, доколку христијаните и незнабошците празнуваат ист ден, тоа ќе го олесни формалното прифаќање на христијанството од страна на незнабоштвото и ќе ја зголеми моќта и славата на црквата. Меѓутоа, иако многумина богобојазливи христијани постепено биле наведени неделата донекаде да ја сметаат за присвоен празник, тие сѐ уште ја празнувале вистинската сабота како Господова светост и ја празнувале во послушност според четвртата заповед. {ГБ 53.1}

Големиот измамник не го довршил своето дело. Тој бил решен да го собере христијанскиот свет под свое знаме, а својата власт да ја спроведува преку својот намесник, гордиот папа, кој тврдел дека е претставник на Христос. Преку полуобратените незнабошци, честољубивите бискупи и свештениците, кои биле световно ориентирани, тој ја остварил својата цел. Од време на време се одржувале големи собори, на кои присуствувале црковните великодостојници од целиот свет. Речиси на секој од овие собори саботата што ја поставил самиот Бог, била сѐ повеќе потиснувана, а неделата сè повеќе воздигнувана. Така најпосле, незнабожечкиот празник почнал да се почитува како божествена институција, додека библиската сабота била прогласена како остаток од јудаизмот, а нејзините почитувачи биле прогласени за проклети. {ГБ 53.2}

На големиот отпадник му успеало да се „воздигне над сè што се нарекува Бог или светост” (2. Солунјаните 2:4). Тој се осмелил да ја промени единствената заповед од Божјиот закон која вниманието на целото човештво го свртува кон вистинскиот и жив Бог. Во четвртата заповед, Бог се открива како Творец на небото и Земјата, и затоа се разликува од сите лажни богови. Седмиот ден како спомен на делото на создавањето бил посветен како ден за одмор за сите луѓе. Даден е со цел живиот Бог кој е извор на животот и кој треба да биде предмет на почитување и обожавање, постојано да се одржува пред очите на луѓето. Сатаната со сите свои сили се стреми луѓето да ги одврати од нивната верност кон Бога и од послушноста на Неговиот закон, па затоа ги насочува своите напори особено против оваа заповед која укажува на Бога како Творец. {ГБ 53.3}

Денес протестантите велат дека Христовото воскресение во недела го направило тој ден христијанска сабота. Но во Библијата нема докази за тоа тврдење. Таква чест на овој ден никогаш не му била дадена од страна на Христос или Неговите апостоли. Празнувањето на неделата како христијанска институција има свое потекло во онаа „тајна на беззаконието”, која своето дело го започнала уште во деновите на апостол Павле (2. Солунјаните 2:7). Каде и кога Господ го прифатил ова дете на папството? Кој валиден доказ може да се наведе во прилог на една таква промена која Библијата не ја поткрепува? {ГБ 54.1}

Во шестиот век папството веќе силно се зацврстило. Седиштето на неговата власт било поставено во царскиот град, а римскиот бискуп бил прогласен за глава над целата црква. Незнабоштвото му го отстапило местото на папството. Змевот му ја дал на ѕверот „силата своја, и престолот свој, и голема власт” (Откровение 13:2). И така започнало илјада двесте и шеесет годишното папско угнетување, претскажано во пророштвото на Даниел и Откровението (Даниел 7:25; Откровение 13:5-7) (Види Додаток). Христијаните биле принудени да бираат: да ја напуштат правилноста на својот став и да ги прифатат папските церемонии и папското богослужение, или својот живот да го завршат во затвори, на разни направи за мачење или од џелатските секири. Тогаш се исполнувале Христовите зборови: „Ќе бидете предадени исто така и од родители, и од браќа, и од роднини и од пријатели, а некои од вас ќе бидат и убиени; и ќе бидете намразени од сите, заради Моето име” (Лука 21:16,17). Настапило прогонство против верните со поголем гнев отколку кога било досега и светот станал огромно бојно поле. Стотици години Христовата црква наоѓала засолниште во осаменост, во изолација и во повлеченост. Пророкот тоа го прикажува вака: „Жената побегна во пустина, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена” (Откровение 12:6). {ГБ 54.2}

Доаѓањето на Римската црква на власт го означува почетокот на мрачниот среден век. Како што растела нејзината моќ, темнината станувала сѐ погуста. Верата од Христос, кој го претставува нејзиниот вистински темел, била пренесена на Римскиот папа. Наместо да се обраќаат на Божјиот Син за простување на гревовите и за вечно спасение, народот гледал во папата и неговите ополномоштени свештеници и црковни великодостојници. Луѓето биле учени дека папата е нивен земен посредник и дека само преку него можат да се приближат до Бога, дека тој стои пред нив наместо Бога и дека сите безусловно мораат да му се покоруваат. Непочитувањето на неговите барања била доволна причина виновниците да бидат најстрого казнети, и изложени на најтешки мачења на телото и душата. Така мислите на народот биле одвраќани од Бога, а биле упатувани на грешни луѓе, свирепи и наклонети кон заблуди, дури повеќе од тоа, на самиот кнез на темнината, кој преку нив ја извршувал својата власт. Гревот бил маскиран со облека на светост. Кога Библијата ќе се забрани и кога за најголем авторитет ќе почне да се смета човекот, тогаш можеме да очекуваме само лага, измама и понижувачко беззаконие. Со издигањето на човечките закони и традиции се појавила расипаност што секогаш е последица на отфрлањето на Божјиот закон. {ГБ 55.1}

Тоа биле денови на опасност за Христовата црква. Верни знаменосци навистина имало малку. Иако вистината не била оставена без сведоци, сепак понекогаш изгледало дека заблудата и суеверието целосно ќе надвладеат, а вистинската религија ќе исчезне од земјата. Евангелието било изгубено од вид, додека верските обреди биле умножени, а луѓето оптоварени со строго извршување на надворешни прописи на побожност. {ГБ 55.2}

Свештениците го учеле народот не само да гледа на папата како на свој посредник туку и за простување на гревовите да се потпира на сопствените дела. Долги поклоненија, разни видови на покорување, обожавање на мошти, изградба на цркви, светилишта и олтари, исплата на големи суми на црквата - такви и слични дела се барани од луѓето за наводно да го смират Божјиот гнев или да ја обезбедат Неговата милост; како Бог да е сличен на човекот кој може да се налути поради ситници или да се омилостиви со дарови или со дела на покајание. {ГБ 55.3}

Иако порокот преовладувал дури и меѓу водачите на Римската црква, сепак, нејзиното влијание постојано се зголемувало. Пред крајот на осмиот век, следбениците на папата почнале да тврдат дека Римските бискупи уште во првите векови ја имале истата духовна власт која сега себеси си ја присвоиле папите. За да изгледа тоа тврдење веродостојно, морале да употребат одредени средства со кои ќе го постигнат тоа на кои таткото на лагата подготвено им укажал. Монасите ги фалсификувале старите ракописи. Откриени се дотогаш непознати декрети на црковните собори, кои наводно, ја докажувале врховната власт на папата во целата црква од најстарите времиња. А црквата, која ја отфрлила вистината, лакомо ја прифатила оваа лага (Види Додаток). {ГБ 56.1}

Малиот број верници, кои својата вера ја ѕидале на вистинскиот темел (1. Коринтјаните 3:10,11), биле збунети и попречувани, зашто сметот на лажното учење го попречувало нивното дело. Слично на градителите на ерусалимските ѕидови во времето на Немија, некои биле готови да кажат: „Ослабна силата на носачите, а земја од урнатините има многу; не можеме да го градиме ѕидот” (Немија 4:10). Уморни од постојаните борби и прогонства, измамите, неправдите и разни други пречки што само сатаната можел да ги измисли за да го спречи нивниот напредок, некои од верните градители се обесхрабриле; поради својот мир, и за да го сочуваат својот живот и имот, тие го напуштиле вистинскиот темел. Други пак, не плашејќи се на противењето од страна на своите непријатели, храбро изјавиле: „Не бојте се од овие луѓе! Мислете на Господа, голем и страшен” (Немија 4:14); ја продолжиле работата, секој опашан со својот меч (Ефесјаните 6:17). {ГБ 56.2} Истиот дух на омраза и противење кон вистината во сите времиња ги вдахнувал Божјите непријатели, и иста будност и верност е барана од Неговите слуги. Христовите зборови упатени на првите ученици се однесуваат на сите Негови следбеници до крајот на времето: „Што ви зборувам вам, им го зборувам на сите: Бидете будни” (Марко 13:37). {ГБ 56.3}

Се чинело дека темнината станува сѐ погуста. Обожавањето на слики станувало сѐ повообичаено. Пред сликите се палени свеќи и ним им се упатувани молитви. Најбесмислените и најпразноверните обичаи земале замав. Човечките мисли до таа мера биле обземени со празноверието, што изгледало како веќе и да нема разум. Бидејќи свештениците и епископите и самите се оддавале во уживање на сетилните задоволства и расипаност, од народот, кој чекал тие да го водат, навистина не можело да се очекува ништо друго туку сѐ подлабоко да пропаѓа во незнаење и порок. {ГБ 57.1}

Уште еден чекор во папската дрскост е направен во единаесеттиот век кога папата Гргур VII прогласил совршенство на Римската црква. Меѓу исказите што тој ги изложил е оној кој вели дека црквата никогаш не погрешила, ниту пак, некогаш ќе погреши, според Писмото. Но, Писмото не ни дава никаков доказ кој оди во прилог на таквото тврдење. Гордиот понтифекс, исто така ја присвоил власта да соборува и поставува цареви, изјавувајќи дека ниту една реченица што ја изрекол не може да биде поништена од никого, додека тој има право да ги менува одлуките на другите (Види Додаток). {ГБ 57.2}

Впечатлив пример на тиранскиот карактер на овој застапник на непогрешливост е неговата постапка со германскиот цар Хенрик IV. Бидејќи се осмелил да не го почитува авторитетот на папата, овој монарх бил исклучен од црквата и лишен од престолот. Преплашен од предавството и од заканите на своите кнезови, кои папската одлука ги охрабрила во бунтот, Хенрик ја сфатил потребата да се помири со Рим. Во придружба на својата жена и верниот слуга, тој ги преминал Алпите среде зима за да се понижи пред папата. Кога дошол до дворецот во кој се наоѓал папата, Гргур бил одведен без неговите чувари во едно надворешно предворје, и таму, на остар зимски студ, со непокриена глава и боси нозе, и во скудна облека, чекал дозвола од папата за да излезе пред него. Дури по три дена поминати во пост и каење, папата го удостоил со простување. Дури и тоа е направено само под услов царот да чека на посебно папско одобрение пред да ги стави повторно на себе ознаките на царското достоинство и да почне да ја врши царската власт. И Гргур, понесен од својот триумф, се фалел дека негова должност е да ја понижува гордоста на царевите. {ГБ 57.3}

Каква впечатлива разлика помеѓу дрската горделивост на овој надуен понтифекс и кроткиот и благ Христос, кој се претставил Себеси како молејќи стои пред вратата на срцето за влез, за да донесе простување и мир, и кој ги учел Своите ученици: „И кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви служи” (Матеј 20:27). {ГБ 58.1}

Вековите што следувале биле сведоци на постојаното ширење на заблудите во доктрините изнесени од Рим. Уште пред воспоставувањето на папството, на учењето на незнабожечките филозофи им било посветувано внимание, а тоа имало влијание и врз црквата. Многумина што тврделе дека се преобратиле, сѐ уште се држеле на основните ставови на својата незнабожечка филозофија, и не само што продолжиле да ја проучуваат туку ја наметнувале и на другите, како наводно средство за ширење на таканареченото христијанско влијание меѓу незнабошците. Така, во христијанската вера се вовлекле сериозни заблуди. Една од позначајните била верувањето во човековата природна бесмртност и свесната состојба по смртта. Оваа доктрина го поставила темелот на кој Рим го воспоставил повикот на светците и обожавањето на дева Марија. Од ова потекнува и ереста за вечните маки на непокајаните, која многу рано станала составен дел на папската вера. {ГБ 58.2}

Со ова бил подготвен патот за воведување на уште една паганска измислица, која Рим ја нарекол чистилиште и ја употребил да ги заплашува лековерните и суеверните луѓе. Оваа ерес тврди дека постои едно место за мачење, во кое душите на оние што не заслужиле вечно проклетство треба да страдаат од казна за своите гревови, и од каде, штом ќе бидат очистени, ќе бидат примени на небото (Види Додаток) {ГБ 58.3}

На Рим му била потребна уште една измислица за да се ползува со стравот и пороците на своите следбеници. Ова било постигнато со доктрината за индулгенции (простување на гревот за пари). Целосно простување на минатите, сегашните и идните гревови, и ослободување од сите заслужени маки и казни им било ветено на сите што ќе учествуваат во војните на врховниот свештеник поради проширување на неговата светска власт, казнување на неговите непријатели или пак истребување на сите оние што ќе се осмелат да ја оспорат неговата духовна надмоќ. Луѓето исто така биле поучувани дека со давање на пари на црквата можат да се ослободат од гревот и да ги ослободат душите на своите починати роднини и пријатели, што се мачат во огнот на чистилиштето. Со такви средства, Рим ја полнел својата каса и ја одржувал велелепноста, раскошот и порокот на таканаречените претставници на Оној кој немал каде глава да заклони (Види Додаток). {ГБ 59.1}

Библискиот обред на вечера Господова бил заменет со идолопоклониката жртва - миса. Папските свештеници тврделе дека со своите бесмислени  церемонии  и  глумења го претвораат обичниот леб и виното во вистинско „Христово тело и крв” (Cardinal Wiseman, The Real Presence of the Body and Blood of Our Lord Jesus Christ in the Blessed Eucharist, Proved From Scripŧure, lecŧure 8, sec. 3, par. 26). Богохулно и безобѕирно пречекорувајќи сѐ што е дозволено, отворено тврделе дека можат да Го „создадат” и самиот Бог, Творецот на сѐ што е создадено. Од христијаните, под закана со смртна казна, барале да изразат вера во оваа страшна и богохулна ерес. Многумина што одбиле тоа да го направат биле предадени на огнот (Види Додаток) {ГБ 59.2}

Во тринаесеттиот век била воведена една од најстрашните творби на папството - инквизицијата. Кнезот на темнината работел заедно со водачите на папската хиерархија. На нивните тајни совети, сатаната и неговите ангели, управувале со умовите на овие зли луѓе, додека меѓу нив, иако невидлив за нивните очи, стоел еден Божји ангел кој водел еден ужасен записник за нивните безбожни одлуки, и ја пишувал историјата на делата, премногу ужасни за да можат да се изнесат пред човечките очи. „Големиот Вавилон” бил „пијан од крвта на светите“. Осакатените тела и крвта на милиони маченици викале кон Бога за одмазда над оваа отпадничка сила. {ГБ 59.3}

Папството станало вистински светски тиранин. Кралевите и царевите се поклонувале пред декретите на римскиот папа. Сегашната и вечната судбина на луѓето се чинело како да е во негова власт. Стотици години доктрините на Рим биле безусловно и општо прифаќани, неговите обреди биле почитувани, а празниците биле насекаде празнувани. Неговото свештенство е почитувано и дарежливо потпомагано. Никогаш подоцна Римската црква не постигнала поголема чест, достоинство и моќ. {ГБ 60.1}

Но, „пладнето на папството претставувала полноќ за светот” (Ј. A. Wylie, The History of Protestantism, b. 1, ch. 4). Библијата речиси била непозната, и тоа не само за народот, туку и за свештениците. Слично на фарисеите во старо време, папските водачи ја мразеле светлината која ги откривала нивните гревови. Бидејќи Божјиот закон кој претставува стандард за правдата бил отстранет, тие имале потполно неограничена власт и се оддавале на порокот без никакво воздржување. Измамата, лакомоста и расипаноста преовладувале. Луѓето не се плашеле пред ниедно злосторство кое би можело да им донесе богатство или положба. Палатите на папите и бискупите биле сцени на најодвратен разврат. Некои поглавари на црквата, дури и на папскиот престол, се оддавале на толку одвратни злосторства што светските владетели се обидувале да ги соборат овие црковни великодостојници како чудовишта премногу гнасни за да можат да се толерираат. Со векови Европа не можела да има никаков напредок во науката, уметноста или цивилизацијата. Во христијанството владеела морална и интелектуална парализа. {ГБ 60.2}

Состојбата на светот под римската власт претставувала страшно и впечатливо исполнување на зборовите на пророкот Осија: „Мојот народ гине: нема знаење; зашто ти го отфрли знаењето, и Јас те отфрлам тебе... зашто го заборави Законот на својот Бог, и Јас ќе ги заборавам твоите синови”. „Нема веќе верност, нема милост, нема познавање Божјо на земјата, туку проклетство и лага, убивање и кражба, прељуба и насилство, една крв ја стигнува другата” (Осија (4:6,1,2). Такви биле резултатите од отфрлањето на Божјото слово. {ГБ 60.3}