За јакнење на умот ништо друго не е покорисно од проучувањето на Писмото. Ниедна друга книга нема толкава сила да ги воздигне мислите, да ги оживее способностите, како Библијата со своите длабоки, благородни вистини. Кога Божјото слово би го проучувале онака како што би требало, луѓето би се одликувале со ширина на умот, благородност на карактерот, цврстина на намерите, какви што денес ретко се среќаваат.
    Меѓутоа, малку полза може да се извлече од брзото читање на Писмото. Некој може да ја прочита целата Библија, а пак да пропушти да ја види нејзината убавина или да го сфати нејзиното длабоко и скриено значење. Многу е покорисно да се проучува еден дел сè додека неговото значење не стане целосно јасно, а неговиот однос кон планот на спасението очигледен, отколку да се читаат бројни поглавја без некоја одредена намера и без стекнување на полезни поуки. Библијата нека биде со вас. Кога ќе ви се укаже можност, читајте ја; врежувајте ги текстовите во своето помнење. Дури и кога одите по улица, можете да издвоите некој стих и да го читате, да размислувате за него и така да го врежете во меморијата